Граѓанскиот активист Марјан Забрчанец, дел од коалицијата „Граѓаните за Македонија“, на својот Фејсбук профил го објасни разделувањето на СДСМ и невладините организации. Како што пишува тој, СДСМ излегува од коалицијата заради идните стратешки дејствија на коалицијата, а не заради несогласувања со граѓанските организации. Неговиот Фејсбук статус ви го пренесуваме во продолжение:

Излегувањето на СДСМ од коалицијата е логичен чекор што следува после договорот од Пржино и е во согласност со досегашните разговори и координации меѓу невладините и партиите. Коалицијата до сега реализираше заеднички, активистички и улични дејствија, претставени преку масовниот граѓански протест на 17 мај и преку Кампот на слободата кој 60 дена вршеше притисок Груевски да ја потпише својата оставка.
Сега, кога е извесно дека СДСМ се враќа во Собрание и влегува во дел од министерствата на Влада, повеќе од очекувано е раздружувањето меѓу политичките партии од опозицијата и невладините. ДПМНЕ и СДСМ сега треба да ги исполнат своите задачи договорени во Пржино, а граѓанскиот сектор мора да го мониторира квалитетот на решенијата и запазувањето на роковите. Мора да се осигураме дека Македонија ќе добие прочистен избирачки список, неутрална МРТВ и независен специјален јавен обвинител. Мониторингот на овие процеси нема да може да се спроведе неутрално и кредибилно, ако граѓанските организации и понатаму се во коалиција со СДСМ.
Коалицијата “Граѓаните за Македонија” продолжува да постои и веќе од понеделник ќе ги дефинира активностите за своите идни теренски активности насочени кон информирање и политичка едукација на граѓаните. Коалицијата ќе ја продолжи својата комуникација и соработка со сите субјекти и партии кои се залагаат за демократско општество, заштита на достоинството на граѓаните и одбрана на Уставот на Република Македонија. Продолжувањето на актвностите на коалицијата уште еднаш ќе покаже дека граѓанските активисти не се борат за партиски и институционални позиции и власт, туку за демократски вредности и слободи.