Граѓанската иницијатива „Кочани“: Градот нема да го спаси ниту еден градоначалник сам, но имаме можност првпат по долго време со човек кој не е залепен за никаква политичка позадина

од Nikola Popovski
298 прегледи

По големата трагедија што ја зави во црно целата држава, граѓанската иницијатива „Кочани“ на својот Фејсбук-профил повика на обединување, заедништво и изградба на поинакво, посовесно и почитувано општество. Со силна порака дека „им должиме“ на загинатите и повредените во пожарот ви дискотеката „Пулс“, објавата ја критикува политичката апатија и нефункционалноста на системот, повикувајќи на граѓанска активност и свест.

-Не постојат добри партии. Постојат добри луѓе. А добрите луѓе мора конечно да престанат да чекаат. Зашто колку повеќе молчиме, толку повеќе умира Кочани, се вели меѓу другото во апелот.

Од иницијативата истакнуваат дека Кочани нема да го спаси ниту еден градоначалник сам, како што велат, имаат можност првпат по долго време со човек кој не е залепен за никаква политичка позадина.

-Тоа е шанса. Но ни тој не може сам. Му треба нашата поддршка не со слепа послушност, туку со активна, искрена, граѓанска енергија. Да му помогнеме, не затоа што ни кажала партијата, туку затоа што го чувствуваме како еден од нас. Затоа што Кочани му припаѓа на граѓаните а не на партиските штабови.

И мора веднаш да почнеме. Секоја зграда, секое маало може да стане пример. Да се поврземе меѓу себе не за политика, туку за дела. Да се создадат иницијативи по маала, да се организираат заеднички акции: чистење на запуштени површини, обновување на клупи, детски игралишта, средување на трошни ѕидови со мурали од надеж и сеќавање. Можеме да поставиме корпи за отпад каде што недостасуваат, да иницираме поставување лежечки полицајци кај што е опасно, да обезбедиме видливост на пешачките премини. Малку по малку, чекор по чекор да си го земеме градот назад, наведуваат од граѓанската иницијатива „Кочани“.

Пред два дена се огласи и новиот в.д. градоначалник на градот, Венко Крстевски. Порача дека општината била еден месец без градоначалник и секретар, општинските инспектори под мерки за претпазливост, финансиските служби под тотално непотребна репресија, со лоша клима за работа.

-Школите тонат во долгови, над 200 деца во предучилишна возраст чекаат ред за запишување во градинка. Територијалната противпожарна единица со број на вработени НА ПОЛОВИНА од ЗАКОНСКИОТ МИНИМУМ, опрема лимитирана, возен парк дотрајан во лоша кондиција и просечна старосна граница од 46 години. Полициска станица Кочани поради сите настани, суспензии, истраги, реално не е ниту на 20% од капацитетите. ЈЗУ Општа Болница Кочани нема елементарни услови во делот со опрема, а ИМА страшно нарушени меѓучовечки односи поради разместувања во рамките на самата институција, намалена плата на неколку лица кои беа на првите борбени редови во кобната ноќ и спасија стотина животи (поради користење на боловање).

Ќе си дозволам да цитирам еден голем идеолог ,,Јас имам сон!”, порача Крстевски во објава на социјалните мрежи.

Пред осум дена, Крстевски беше избран за в.д градоначалник на Општина Кочани. Кандидатурата на Крстевски со девет гласа беше поддржана од советниците на СДСМ, а воздржано гласаше советничката од Левица. Членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ својата поддршка му ја додадоа на нивниот координатор Гоце Марков.

Гласањето се одвиваше во два круг, при што во првиот според законските одредби се избира в.д градоначалник од вкупниот број членови на Советот – 19. Во поединечното гласање и двајцата кандидати добија по осум гласа, имајќи предвид дека советничката Кристина Атанасова Арсова од ВМРО-ДПМНЕ претходно си поднесе оставка и не гласаше. Поради тоа се премина на втор круг гласање кога изборот се прави со просто мнозинство од присутните советници. На повтореното поединечно гласање советникот Крстевски доби девет гласа, а неговиот противкандидат Мрков доби осум гласа.

Изминатиот викенд се одржа третиот протестен марш на граѓаните на Кочани, меѓу кои беа и најблиските на загинатите во дискотеката.

Слични содржини