Гран-при за Цветанче Костоска на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Гран-при наградата на годинашното, петто по ред издание на поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар ја доби Цветанче Костоска од Крушево. Првото место му припад на Давор Крстески од Куманово, второто го освои Александар Михаловиќ од Гостивар, а третото, Жаклина Филипова Свеќаровска од Кочани.

За најдобар странски автор беше прогласена Катја Вангелова од Бугарија, а посебно признание од фестивалот му беше доделено на Владимир Милојковиќ од Србија. Наградата Најуспешна млада искра, ја доби седумнаесет годишната штипјанка Теофила Поп Димитрова.

Творби на дванаестте финалисти на годинашниот фестивал „Литературни искри“ се отпечатени во заедничката збирка. Во алманахот, се застапени и уште дваесетина автори кои според жирито добија високи оценки.

На Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2018“ во центарот за култура АСНОМ имаше поетско читање на финалистите: Жаклина Филипова Свеќаровска (Кочани), Пеце Цветкоски (Битола), Цветанче Костоска (Крушево), Катја Вангелова (Варна, Бугарија), Александар Михајловиќ (Гостивар), Тони Павлески (Прилеп), Никодин Чернодримски (Скопје), Давор Крстевски (Куманово), Владимир Милојковиќ, (Суботица, Србија) Елена Пренџова (Скопје), Теофила Поп Димитрова (Штип) и Снежана Паноска (Прилеп).

Песните на над сто автори ги оценуваше жири комисија чиј претседател беше Раде Силјан (поет, литературен критичар, есеист, член на ДПМ) и членовите: Габриела Петроска, професор по македонски јазик, лектор и Васфије Билали Ејупи, професор по албански јазик.

Организатори на годинашното издание се Здружението за култура Дунек и Центарот за култура АСНОМ од Гостивар, а се одржува во чест на Денот на Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј./МИА