Граѓаните на социјалните мрежи се организираат преку иницијатива да не дозволат доаѓање на организирани бугарски групи на гробот на Гоце Делчев за време на прославата на 151-годишнината од неговото раѓање на 4 февруари во Скопје.
„Повик до сите патриоти. Дојдете со камиони, трактори, автомобили и друга машинерија и поддржете го протестот. Кумановци ве повикуваме во 9 часот да ја блокирате патарината кон Скопје. Да не дозволиме бугарските неонацисти да плукаат по споменот на великанот Гоце Делчев“, се вели во апелот објавен на социјалните мрежи.
Исто така има најави и за „ноќна стража“ вечерта на 3-ти февруари во црквата Свети Спас, каде што се наоѓа гробот на Делчев.
Фондацијата „Македонија“ на социјалните мрежи објави насоки за Бугарите кои на 4 февруари планираат да дојдат во Скопје.
-За организацијата што Фондацијата „Македонија“ ја прави за поклонување на гробот на Гоце Делчев:
– поаѓање од Софија со автомобил во 7:30 часот по бугарско време;
– собирање на сите на паркингот Скопско Кале – 11:30 часот по локално време (12:30 часот по бугарско време);
– групно движење до гробот на Гоце Делчев, положување цвеќе и венци – тивко, смирено, без провокации и одговарање на провокации;
– вратете се кај автомобилите и возете назад.
За оваа организација писмено и однапред ќе го известиме Министерството за внатрешни работи на Северна Македонијa, стои во објавата.