Грчки канадери го гаснат пожарот кај село Николиќ, активни се 21 пожар

од Milan1
19 прегледи

На територијата на државата до 18:00 часот се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи. Армијата, со ангажман на вкупно 63 припадници, активно учествува во гаснењето на повеќе позиции, а по барање на ЦУК, грчки канадери веќе дејствуваат на пожарот кај село Николиќ, во близина на Дојран, заедно со две грчки противпожарни екипи.

Приоритет е пожарот кај касарната Ѓорче Петров, каде што се ангажирани 60 припадници, во село Николиќ се распоредени 60 припадници, во Крива Паланка дејствуваат 30 припадници, а една екипа од АБХО е ангажирана на пожарот во Визбегово.

Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување дејствува во Крива Паланка, додека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи е упатен кон селото Орман, општина Ѓорче Петров.

Во општина Македонски Брод има три активни пожари. Помеѓу селата Црешнево, Локвица и Слатин гори деградирана дабова шума и грмушки, кај село Самоков опожарен е лесно запалив материјал, додека кај село Рамне гори ниска вегетација, но е проширен од фабриката Самоков.

Три пожари се активни и во Општина Ѓорче Петров. Кај селата Орман и Волково се запалени куќи, пожари има и на гробишта зад касарната, додека во стопански двор гори ниска вегетација.

Во Општина Чашка под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има шумски пожар каде нема активен пламен, туку чад во карпест дел.

Помеѓу селата Блаце и Чучер, во Општина Чучер Сандево гори мешана шума и ниска вегетација, во Општина Дојран кај село Николич гори нискостеблеста шума.

Во Општина Шуто Оризари гори депонија, во Општина Кочани – Осогово (шума) и во Општина Петровец – с. Кожле (шума).

Сува трева, деградирана вегетација гори во Радишани, во Јурумлери во Општина Гази Баба ниска вегетација, исто како и во Општина Сарај кај Семениште.

Во Општина Старо Нагоричане, кај селата Младо Нагоричане и Клечовце гори нискостеблеста деградирана вегетација, додека во населба Лозаново, во Општина Крива Паланка шума и ниска вегетација во Општина Тетово – Желино, кај село Ларце.

Изгаснати се четири пожари, во село Љубанци, Општина Бутел, каде горела ниска вегетација, како и во Општина Старо Нагоричане. Пожарот во Општина Демир Хисар – Ново Село, каде горел помошен објект – плевна и сува трева во село Веселчани во Општина Прилеп.

Слични содржини