Грчки медиуми: Мицотакис ќе се сретне со Радев во сенка на предизвиците со С.Македонија

од Nikola Popovski
79 прегледи

„Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис во 16 часот ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев во сенка на предизвиците со новото раководство на Северна Македонија“. Вака пишуваат дел од грчките медиуми за денешната средба меѓу двајцата функционери. Според грчки „Skai“, Атина и Софија се длабоко вознемирени од, како што пишуваат, пркосниот однос на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот, Христијан Мицкоски.

Во текстот на грчкиот медиум се наведува и дека прашањето за прекршување на Договорот од Преспа од страна на македонските власти го покренал Мицотакис на неодамнешниот Самит на ЕУ, појаснувајќи дека „доколку Скопје инсистира кон истата насока, практично ќе се откажат својот европски курс“.

„Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа, во суштина ќе го направи исклучително тежок, ако не и во пракса да го поништи, секој процес на брза конвергенција со европското семејство. Така што, мислам дека треба сите да ги разберат последиците од своите постапки и да знаат дека почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори што се потпишани, во овој конкретниот случај, од двете страни“, рекол Мицотакис.

„Skai“ пишува и дека Софија го обвинува Скопје за кршење на правата на бугарското малцинство.

-Бугарското Министерство за надворешни работи во средата силно ја критикуваше новата влада на Северна Македонија, нарекувајќи ги нејзините намери „неприфатливи“ бидејќи одбива да ги почитува меѓународните обврски и договори. Острата најава следи по изјавите на Мицкоски, што укажува на желба за репреговарање на Преговарачката рамка со Бугарија, стои во текстот.

Грчкиот медиум ја пишува и придавката „северномакедонска“, што е спротивно на соодветните придавки кои се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.

-Бугарскиот претседател Румен Радев ја осуди северномакедонската влада, обвинувајќи ја за неподготвеност да го признае постоењето на бугарски идентитет и јазик во Република Северна Македонија, објавува „Skai“.

Слични содржини