Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска треба да пристигне во Атина, за да присуствува на денешната вечер во рамки на самитот ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин е премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, пишуваат грчките медиуми.
Мицотакис денеска ги пречекува лидерите на Западен Балкан, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Медиумите од земјата домаќин на самитот јавуваат дека присуството на Зеленски се чувало во тајност до самиот крај, но дека информацијата протекла непосредно пред неговото доаѓање. Според нив, претседателот на Украина треба да пристигне во грчката престолнина во 12 часот.
Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово, Хрватска, Бугарија и Романија ќе имаат претставници на самитот на кој се очекува усвојување на Солунската декларација.