Грчки професор го откри потеклото на мистериозната бела супстанца кај „Антонов“

од Stefanija Kuzmanovska
348 прегледи

Професорот по инженерство за животна средина Димостенис Сариѓианис за грчките медиуми изјави дека најверојатно во пратката што ја превезувал авионот „Антонов“ што се урна во близина на Кавала имало бел фосфор.

Како што пренесува My News, и неофицијални извештаи потврдуваат постоење на бел фосфор во „Антонов“.

Сариѓианис рече дека овој материјал бил вклучен во испораката, бидејќи многу жители на областа каде што се урна авионот по падот на леталото почнале да чувствуваат печење на јазиците и усните, што професорот тврди дека е предизвикано од овој материјал.

„Тоа се совпаѓа со составот на воениот материјал наречен бел фосфор, кој се користи за производство на димни завеси, во случај на војна, од кои никој не може да ја види целта“, коментира Сариѓианис.

Како што вели тој, кога ќе дојде во контакт со кислородот, се создава хемиски интензивна реакција, експлозија и секако фосфор пентооксид кој може да предизвика вакви видови на раздразливост.

Истовремено, Сариѓианис рече дека треба да се следат упатствата на експертите, но не треба да се паничи бидејќи тоа се супстанции кои не се акумулираат во живите организми или во околината. Сепак, тој вели дека е вистина дека пластичните делови од авионот изгореле, бидејќи при горење на пластиката доаѓа до големо производство на канцерогени материи.

Да потсетиме, украинскиот авион „Антонов“ кој синоќа полета од аеродромот во Ниш и според српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ превезувал оружје во Бангладеш, доцна синоќа се урна во близина на Кавала во Грција.

Загинаа сите членови на екипажот, а функционерот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко денеска соопшти дека станува збор за украински државјани.

Слични содржини