Грчкиот МНР: Преспанскиот договор не може да се менува и да се ревидира еднострано

од Nikola Popovski
412 прегледи

Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис денес уште еднаш повторил дека Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано. Во утринското интервју за грчкото радио „Ток радио 98,9“, посочил дека во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во Северна Македонија, но додаде и дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.

Тој додал дека Грција, од своја страна, го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека денешното мнозинство додека било во опозиција навремено ги укажувало на сивите точки на Договорот.

Шефот на грчката дипломатија повторил дека неговата партија Нова Демократија која како тогашна опозиција гласала против Преспанскиот договор и ги нотирала сивите точки од меѓународниот документ кој во 2018 година беше потпишан, а го договорија тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас од СИРИЗА.

Герапетритис уште еднаш категорично ги демантираше написите во грчките медиуми дека учествувал во составувањето на Договорот од Преспа истакнувајќи дека не знаел ниту еден ред од текстот пред јавно да се објави.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис исто така испрати нова порака до раководството на земјава дека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова направи нелегален и провокативен избор да го прекрши официјалниот текст на нејзината заклетва.

-Според тоа, не го прекрши само Договорот од Преспа, туку и Уставот на својата земја, нагласува Мицотакис во интервју за грчкиот весник „Македонија“.

На три недели пред европските избори, грчкиот премиер со порака и до грчката опозициска партија СИРИЗА, која во парламентот ги достави на ратификација трите меморандуми од Договорот од Преспа, обврска која со години Грција не ја спроведува. Мицотакис повтори дека нема да ги ратификуваат меморандумите сè додека, како што рече раководството на Северна Македонија доследно не ги почитува одредбите од Преспанскиот договор.

Слични содржини