Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас утре доаѓа во еднодневна посета на С. Македонија. Како дел од темите на разговор со неговиот колега Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски, се предвидени да бидат дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите области, европската перспектива на Северна Македонија, спроведувањето на Договорот од Преспа како и ситуацијата во Украина.
Дендиас ќе присуствува и на работна вечера организирана од македонскиот шеф на дипломатијата и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
-За време на посетата на министерот за надворешни работи, се очекува разговорите да се фокусираат на целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, на дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите области, вклучително и економијата, трговијата и енергетиката, како и на европската перспектива на Северна Македонија. Дополнително, во разговорите се очекува да бидат опфатени и случувањата на Западен Балкан и Источниот Медитеран, како и ситуацијата во Украина по руската инвазија, соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.