Со говори на лидерите на политичките партии и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, синоќа на полноќ заврши петдневната расправа во грчкиот Парламент за буџетот за следната година, по што следеше гласање на пратениците.
Новиот државен буџет, доби 158 гласа „за“, а 139 пратеници беа „против“, додека пак буџетот за Министерството за одбрана беше изгласан со широко мнозинство и поддршка од 250 пратеници, а меѓу нив и од опозициските партии СИРИЗА и Грчко решение.
За време на петдневната расправа збор зедоа 224 пратеници од сите партии, 34 претставници на Владата, како и лидерите на политичките партии.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, согласно буџетот, трошоците за 2020 се предвидува да достигнат до 57,16 милијарди евра, за 722 милиони повеќе во споредба со предвидувањата за тековната година, додека пак нето приходот на државниот буџет предвидено е да изнесува 54,71 милијарди евра, 0,8% повисок во однос на процените за 2019 година.