Изградбата на новата електрана на природен гас во Александрополис, клучен проект за енергетската безбедност на Грција и поширокиот Балкански регион, беше најавена денеска на официјална церемонија, одржана во присуство на премиерот Киријакос Мицотакис. Електраната Александрополис ја гради Грчкото мешовито претпријатие кое се состои од трите главни енергетски групации во Грција – „PPC“, „DEPA Commercial“ и „Damco Energy“ од групацијата Копелузос. На церемонијата присуствуваа и министерот за енергетика на Грција, Костас Скрекас, како и неговиот почесен гостин од Бугарија, Росен Христов и Ерик Холмгрен, економски директор на Амбасадата на САД во Грција.
Електраната ќе биде директно поврзана со Пловечката единица за складирање и гасификација на „Gastrade“ (FSRU– Floating Storage and Gasificaion Unit), која моментално е во изградба. Така, Александрополис се претвора во енергетски спој на мрежи за електрична енергија и природен гас, со потенцијал за снабдување на домашниот пазар и соседните земји во Југоисточна Европа.
Изградбата и работењето на електраната во Александрополис, исто така, ќе придонесе за исполнување на целите на Европскиот зелен договор и транзицијата кон производство на енергија со ниски емисии. Опремата што ќе биде инсталирана во постројката е погодна за согорување на водород и може да работи со мешано гориво.
Новата електрана се очекува да започне со работа до крајот на 2025 година. Истата ќе биде од тип на комбиниран циклус и ќе има инсталирана моќност од 840 MW, што е приближно нето капацитетот на 3 лигнитни постројки кои моментално се деактивираат. Поради неговата висока ефикасност, ќе обезбеди непречено снабдување со електрична енергија на ниски нивоа на цени.