Грција, Бугарија и Романија со мега-инфраструктурен план за поврзување: Дали уште неизградена Брзата пруга е „минирана“?

-Најавената “Брза пруга“ Табановце–Гевгелија, вредна најмалку 2 милијарди евра, би се градела со британски кредит без европски грантови, што значи дека отплатата на долгот целосно би паднала на товар на македонскиот буџет односно македонските граѓани“ – вели за „Локално“ универзитетскиот проф. Дејан Трајковски

од Nikola Popovski
46 прегледи

„Грција, Бугарија и Романија треба да потпишат договор за соработка во ноември во Брисел, заедно со Европската комисија, за создавање нов вертикален транспортен коридор што ќе ги поврзува Егејското и Црното Море“ – оваа вест  која одекна во регионот е проследена со најави за нов модерен комбиниран коридор – и железнички и патнички кој ќе има стратешко значење за овој дел од Европа.

Додека Брисел се подготвува на иста маса да ги седне Софија, Атина и Букурешт, македонска делгација замина во Велика Британија, нашиот нов стратешки партнер кој треба да ни даде заем од 6 милијарди евра чија камата според досегашните најави немала да биде повисока од 4,5%.

На овие октомвриски средби во Велика Британија, власта ги потврдила намерите за вложување во инфраструктурата, особено за прокетот Брза железница,

“Имаме доста средби со членовите на Владата, само што завршивме со средба со министерот за трговија и економија, најзначајниот министер за нас затоа што токму со овој ресор го потпишавме Договорот Влада со Влада со кој на Македонија и става на располагање 6 милијарди евра за инфраструктурни проекти. Веќе разговаравме за развојот на брзата пруга на Коридор 10, каде добро напредуваат работите. Веќе почнаа да се работотат документите со цел почеток на работа, ветивме дека оваа есен почнуваме и еве почнуваме“ – изјави  вицепремиерот и мнистер за транспорт Александар Николоски.

Брзата пруга според македонската Влада треба да биде најзначаен инфраструктурен проект во Југосточна Европа. На неодмнешната посета на нашата делегација во Грција, и официјална Атина ја потврдила заложбата за реализација на овој проект,  грчките власти дури дале согласност следната година да почнат да ја градат двоколосечна пруга од Солун до Гевгелија, а директорите на железничките претпријатија на двете земји започнале да ги усогласуваат техничките детали.

Во меѓувреме осамна веста дека „заобиколувајќи“ ја Македонија, нашите соседи Грција и Бугарија заедно со Романија имаат и друг план кој ќе се потпира во најголем дел на пари од Европските фондови.

“Проектот беше опишан како „врвен приоритет“ од страна на комесарот на ЕУ за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, кој го нарече „олицетворение на европската прекугранична инфраструктурна соработка“. Коридорот ќе вклучува современи автопати и брзи железнички линии, носејќи повеќекратни придобивки за Европа, а особено за трите земји учеснички“, изјавил Еу комесарот за Атинската новинска агенција (АНА).

Оваа вертикална транспортна траса за Македонија ќе значи загуба , не само поради тоа што нема да бидеме дел од неа, туку и поради тоа што овој коридор ќе нанесе штета на нашиот најавен мега – проект Брза пруга.

“Тоа е дел од пошироката стратегија на ЕУ за зајакнување на интерконективноста на југоисточна Европа, со коридори кои директно ги поврзуваат членките на Унијата, избегнувајќи ги надворешните држави од Западен Балкан. Токму тука започнува проблемот за Македонија. Додека земјите од ЕУ добиваат огромни грантови за своите транспортни инфраструктури, Македонија – заради незнаење и политичка кратковидост – сака сама да финансира сé,  дури и кога проектот нема економска логика. Најавената “Брза пруга“  Табановце–Гевгелија, вредна најмалку 2 милијарди евра, би се градела со британски кредит, без европски грантови, што значи дека отплатата на долгот целосно би паднала на товар на македонскиот буџет, односно македонските граѓани“ – вели за „Локално“ универзитетскиот професор Дејан Трајковски и додава :

„Економијата е сурова и едноставна: ако транзитниот тек на стоки и патници се пренасочи кон новиот грчко-бугарско-романски коридор, брзата пруга низ Македонија ќе нема доволно сообраќај за да се отплаќа. Всушност пресметките покажуваат дека без 75% грант таа не може да се отплати дури и ако целиот транзит кон централна и источна Европа се пренасочи преку Македонија, што би генерирало околу 3,5 милијарди евра загуби во наредните дваесетина години. Со договорот меѓу Грција и Бугарија земјава ќе стане изолиран и заобиколен остров, кој никој нема да има потреба да го користи“.

Проф. Дејан Трајковски

При ваквите планови на Романија, Бугарија и Грција, според професорот Македонија ќе се доведе со состојба сама за се задолжува за да биде заобиколена.

“Во вакви услови, секој километар пруга станува чист финансиски трошок и долговна обврска, наместо инвестиција што ќе донесе развој и профит. Иронијата е што ќе градиме „брза пруга“ која никој нема да ја користи за европски транзит, бидејќи товарните и патничките линии ќе се движат по побрзи, поевтини и субвенционирани траси преку Бугарија и Романија“ – вели Трајковски.

Сепак за македонската Влада, брзата пруга  е важен инфраструктурен проект кој ќе  голема економска вредност а краткиот период за патување, од Скопје до Солун за 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа, ќе влијае врз промена на начинот на живот.

Д.А.

Слични содржини