Грција ја реафирмира подготвеноста за активно промовирање на европската иднина на Северна Македонија

од Vladimir Zorba
33 прегледи

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денес во Атина оствари средба со заменик-министерката за надворешни работи на Хеленската Република, амбасадорката Александра Пападопулу.

На средбата беше реафирмирана заедничката заложба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес. Министерот Муртезани нагласи дека Северна Македонија и Грција, како две соседни, партнерски земји и сојузнички во НАТО, треба да продолжат да работат на зајакнување на регионалната стабилност и економскиот развој, со посебен фокус на трговската и енергетската поврзаност, инфраструктурните проекти и секторската соработка.

Акцентот на разговорите беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, Планот за раст на ЕК за ЗБ и Реформската агенда на земјата. Министерот Муртезани изрази благодарност за поддршката што Грција ја дава за нашиот евроинтегративен процес. Соговорниците констатираа дека повеќе од две децении по историскиот ЕУ-ЗБ Самит во Солун во 2003 година, кога Унијата ја потврди европската перспектива на регионот, потребно е посилно и поефикасно дејствување за да се осигура дека интеграцијата останува кредибилен и остварлив процес.

Во тој контекст, Муртезани и Пападопулу отворено разговараа за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија на патот кон полноправното членство, вклучително и за прашањата кои влијаат на преговарачката динамика.

Беше истакната важноста на реформските процеси, но и потребата од одржување на јасна и предвидлива европска перспектива за земјата. Од грчка страна беше реафирмирана подготвеноста за активно промовирање на европската иднина на Северна Македонија, обезбедувајќи политичка поддршка во рамките на европските институции.

Соговорниците дискутираа и за спроведувањето на Договорот од Преспа, при што беа разменети мислења за предизвиците, но и за механизмите преку кои двете страни можат проактивно да ги адресираат прашањата што произлегуваат од нејзината имплементација. Истовремено, беше нагласено дека Конечната спогодба создаде значајни можности за зајакнување на билатералната соработка и регионалното интегрирање, а досегашните резултати покажуваат дека со посветеност и конструктивен пристап може да се надминат сите предизвици и да се искористат сите придобивки што таа ги носи.

Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за пошироките регионални случувања, со акцент на европската перспектива на Западен Балкан, потребата од одржување на стабилноста во регионот, како и за тековните предизвици поврзани со глобалните безбедносни прашања. Беше нагласена важноста на заедничкото дејствување во рамките на меѓународните организации, како НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа, за унапредување на мирот, демократијата и владеењето на правото.

Министерот Муртезани се заблагодари за отворената и конструктивна дискусија и ја потврди подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на билатералната и регионалната соработка со Грција, како и за продолжување на реформите кои ќе го забрзаат европскиот интегративен процес.

Слични содржини