Грција ќе добие 470 милиони евра од ЕУ за справување со миграцијата

од Vladimir Zorba
68 прегледи

Грција ќе добие околу 470 милиони евра од фондовите на ЕУ за повеќегодишни национални програми за поддршка на напорите во справувањето со порастот на миграцијата, соопшти Европската комисија.ITALIA_-_0417_-_Migranti

Како што јави дописникот на МИА од Атина, средствата ќе бидат обезбедени во рамките на Фондот за азил, миграција и интеграција (АМИФ) и Фондот за внатрешна безбедност (ИСФ), со вкупен износ од околу 2,4 милијарди евра за сите 23 програми за периодот 2014-2020 година.

Според Комисијата, oд АМИФ, Грција ќе добие 259,4 милиони евра за да го зголеми својот капацитет за прием за уште 2.500 лица до крајот на 2015 година и за да го подобри квалитетот на услугите кои ги нуди.

Земјата, исто така треба да се заложи за забрзување на процесот за доделување на азил, да ги реши нерешени пријави и да го зајакне системот за мониторинг на областите каде се сместуваат мигрантите.

Грција, исто така, ќе има за цел да спроведе сеопфатна политика за интеграција на имигрантите во однос на вработување, јазик, образование итн, со особено внимание на малолетни лица без придружба.

Од ИСФ, Грција ќе добие 214,8 милиони евра за да се фокусира на подобрување на визниот информациски систем (ВИС), модернизација на конзуларните услуги, за правилна примена на Шенгенските правила и борбата против илегалната имиграција.

Официјална Атина, исто така, ќе го засили интегрираното гранично управување и својот капацитет како прва земја за влез./MIA