На посебна церемонија во Атина во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Грција денес потпиша договор со конзорциумот составен од американската компанија „Шеврон“ и грчката компанија „Хеленик енерџи“, со кој ѝ се доделуваат концесии за истражување и производство на природен гас во два блока јужно од полуостровот Пелопонез и два други јужно од островот Крит, објави грчкото издание „Прото тема“.
Договорот денес го потпишаа грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, и извршниот директор на државната компанија „Хеленик“ за управување со јаглеводороди и енергетски ресурси, Аристофан Стефатос, кој ја претставуваше грчката држава, и потпретседателот на „Шеврон“, Гавин Луис, и извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Андреас Сијамисис, кои го претставуваа конзорциумот.
Договорот ги опфаќа офшор концесиите „Јужен Пелопонез“, „А2“, „Јужен Крит I“ и „Јужен Крит II“, чија вкупна површина е околу 47.000 квадратни километри, забележува весникот „Катимерини“, нагласувајќи дека првите истражувачки активности во предметните области треба да започнат кон крајот на 2026 година. Конзорциумот на двете компании беше избран за победник на меѓународниот тендер за истражување и производство на природен гас во овие области во октомври минатата година, потсетува уште медиумот.
Според медиумите, минималните гарантирани трошоци за првата фаза, која се состои од дводимензионални сеизмички истражувања, надминуваат 20 милиони евра, оние за втората фаза, вклучувајќи ги и тродимензионалните истражувања – 24 милиони евра, а оние за третата фаза, во која се очекува да започнат активности за дупчење – 100 милиони евра.