На местото на настанот се пронајдени телата на четири жртви од експлозијата и пожарот што се случија рано утрово во фабриката за бисквити „Виоланта“ во близина на грчкиот град Трикала, соопштија официјални лица.
Според последните информации, околу 4:00 часот наутро во просториите на фабриката се случила силна експлозија, по што избувнал пожар, при што се повредени седум лица, вклучувајќи и пожарникар, а едно лице сè уште се води како исчезнато, објавува „Катимерини“.
Во моментот на експлозијата во фабриката имало 13 работници, бидејќи фабриката работи 24 часа на ден.
Телата на три жени се пронајдени околу 9:00 часот утрово, четвртата жртва е пронајдена малку подоцна, а потрагата е во тек по уште еден работник, за кој се верува дека бил во фабриката во моментот на експлозијата, соопштија локалните власти.
Сите повредени се во добра здравствена состојба.
Според соопштението од противпожарната служба, во гаснењето на пожарот во фабриката учествувале 53 пожарникари со 16 возила, едно специјално возило со рампа, екипа беспилотни летала и девет помошни возила.
Погонот на компанијата каде што се случи експлозијата се наоѓа на националниот пат Трикала-Кардица, а на местото на настанот се наоѓаат и членови на Дирекцијата за борба против палеж.
Според работниците, експлозијата се слушнала од дел од фабриката каде што нема боци со течен нафтен гас, кои се наоѓаат во подрумот, и сè уште не е познато што ја предизвикало.
Ударниот бран од експлозијата предизвикал уривање на ѕидовите и покривот на фабриката, а експлозијата била толку силна што се слушнала дури и во соседните села, според жителите.
Компанијата „Виоланта“ објави дека утрово „за време на ноќната смена се случил сериозен инцидент, од причина што засега е непозната“.
„Во овој момент, нашата единствена грижа се нашите луѓе. Ние стоиме покрај нив и нивните семејства и правиме сè што е можно за да ги поддржиме. Во исто време, целосно соработуваме со надлежните органи и обезбедуваме секаква достапна помош“, се вели во соопштението на компанијата.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изрази сочувство до семејствата на жртвите, во обраќање за време на состанокот на кабинетот.
„За жал, денот започна под сенката на трагичната несреќа во Трикала, во модерен објект за храна. Нашите мисли се со семејствата на жртвите. Би сакал да им го изразам, во име на целиот кабинет, нашето најдлабоко сочувство“, рече Мицотакис.
Мицотакис рече дека екипа на противпожарната служба ги истражува причините за трагедијата, „за да открие што точно се случило“ и да утврди кој е одговорен.