Разговорите за учеството на Грција во Меѓународните сили за стабилизација во Појасот Газа се во напредна фаза и, според добро информирани извори цитирани од грчкиот весник „Катимерини“, земјата ќе им се придружи со баталјон со намален состав од околу 100-150 војници.
Иако првично беше договорено грчката мисија во Газа да биде исклучиво поддржувачка, односно со медицински и технички единици, на крајот, според изворите, било одлучено да се испрати борбена единица.
Грција ќе испрати и штабни офицери кои ќе бидат трајно стационирани во командата на силите за стабилизација. На терен веќе има двајца грчки офицери, кои работат во Цивилно-воениот координативен центар во Кирјат Гат, кој е под американско водство.
Засега не се објавени дополнителни официјални детали за грчкото учество, кое е сè уште во фаза на планирање, но според достапните информации, грчката единица ќе биде распоредена по безбедносниот периметар создаден околу Газа од израелската армија.
Грчките војници нема да имаат ресурси за независни операции и ќе дејствуваат во рамките на заеднички формации што ќе бидат формирани за специфични мисии.