Грција со значителен пад на миграциските текови во земјата

Миграциските текови во Грција се намалија за 45 проценти на годишно ниво во последниот квартал, објави Скај ТВ, повикувајќи се на податоци објавени од Министерството за миграција и азил на земјата.

од Vladimir Zorba
6 прегледи Фото: ДВ/Јутјуб/Принтскрин

Миграциските текови во Грција се намалија за 45 проценти на годишно ниво во последниот квартал, објави Скај ТВ, повикувајќи се на податоци објавени од Министерството за миграција и азил на земјата.

Во кварталот од август до октомври 2025 година, 11.307 нелегални мигранти пристигнале во Грција по море, додека во истиот период во 2024 година овој број изнесувал 20.279, односно нивното намалување изнесувало 45 проценти.

Во Егејското Море, намалувањето било уште поголемо. Таму, нелегалните мигранти биле 60 проценти помалку.

Во соопштението се вели дека во месеците јуни и јули 2025 година, ситуацијата била спротивна – тогаш е забележано зголемување на нелегалната миграција во споредба со претходната година. Ова, според министерството, значи дека мерките преземени од грчката влада дале резултати.

Министерството потсетува дека станува збор за прекин на разгледувањето на барањата за азил на нелегални мигранти кои пристигнуваат по море од Северна Африка, усвојување на нови, построги мерки против нелегалниот влез на територијата на земјата, како и дипломатски напори и постојано чување на морските граници.

„Наш приоритет е да ги намалиме (миграциските) текови, да ги зајакнеме враќањата (на нелегални мигранти) и да ги разгледаме условите за доделување азил во рамките на европските напори за ограничено толкување на Женевската конвенција (на ОН за статусот на бегалците)“, се вели во соопштението на министерството.