Разочарувањето на Грците расте од ден на ден. Тие не очекуваа дека по грандиозната победа на “Сириза” ќе заглават уште подлабоко во кризата. Кај многумина се зацврсти стравот дека владејачките не знаат што да прават.
Грчката влада еднаш вели дека нема да чепка во пензиите, друг пат зборува за евентуални кратења потоа тврди дека ќе го зголеми ДДВ, а потоа се испоставува дека даноците ќе останат такви какви што се. Се повеќе Грци се лути на својата влада. “Тие не држат во незнаење. Не знаеме што ќе ни дојде утре до главите. Се надевам некако да преживееме”, вели еден Грк.
Нејаснотии има и во однос на идниот курс на владејачката партија “Сириза”. На крајот на седницата на Централниот комитет на партијата на крајот на неделава, премиерот Ципрас со мака успеа да ја наметне својата линија за продолжување на преговорите со кредиторите. “Ние нема да потклекнеме на апсурдот за да го зголеми ДДВ и да ги намалиме пензиите”, вети тој на делегатите, но не стана јасно колку од тоа е само празна реторика. Во секој случај, Ципрас си остави отворени дупки за лавирање.
Левото крило на партијата предложи Грција да не плати уште една рата кон ММФ и да ги национализира сите банки. 75 делегати гласаа “за”, а 95 – “против”. Премиерот Ципрас освои скудно мнозинство за курсот на продолжување на преговорите со кредиторите. Тој увери уште еднаш дека неговата влада нема да потпише никаква нова програма за штедење. “Другарки и другари, претстои уште многу работа. И во овие критични моменти треба да се дејствува одговорно, решително и солидарно. Треба да имаме доверба во сопствените сили”, изјави Ципрас пред пратениците од “Сириза”.
“Воопшто не знаеме каде одиме”
Грчкиот премиер се надева во наредните денови да постигне договор со доверителите. ЕУ, ЕЦБ и ММФ треба да одобрат помош во износ од милијарди. Во замена за тоа Ципрас е подготвен да прифати некои од барањата за штедење. Но што точно ќе бидат тие? Ципрас преговара со месеци со доверителите за ова прашање.
Грците се заинтересирани за преговорите со зголемена загриженост. Пензионерката од Атина Фрида Таси сепак наоѓа и добри зборови за владата. “Се надевам дека конечно се ќе заврши добро. Добро што владата преговара толку цврсто, за да не се намалат уште повеќе пензиите. И без тоа веќе изгубивме толку многу пари. Мило ми е што тие се борат за нас”, вели таа. Повеќето Грци сепак веќе се простуваат со надежите кои и ги доделуваат на “Сириза”:
“Кога немаш пари и сакаш заем,си во многу лоша позиција за преговори, бидејќи си зависен од оние кои ја држат власта и треба да им се потчиниш, за да преживееш”, вели еден Грк. “Нашата влада не прави она што го вети, ниту пак она што беше редно да се заокружи. Секој ден слушаме нешто различно. Наутро – едно, на пладне – друго, а вечер – сосема трето. Воопшто не знаеме каде одиме”, вели друг минувач. Чувството на фрустрација кај грчките граѓани расте од ден на ден. Четири месеци по грандиозната изборна победа на “Сириза”, Грција е заглавена во кризата подлабоко отколку кога и да било.

