Грција ѝ нуди на Украина С-300 во замена за американскиот „Патриот“

од Stefanija Kuzmanovska
274 прегледи

Грчката влада е подготвена да ѝ го поклони на Украина ракетниот систем за противвоздушна одбрана со долг дострел С-300 ПМУ1 и други советски ракетни системи од нејзиниот арсенал, доколку САД се обврзат да го распоредат системот Патриот на Крит.

„Ако САД инсталираат Патриот на островот (Крит) и ако тој систем се интегрира во нашиот систем за воздушна одбрана, С-300 може да оди (во Украина). Истото важи и за другите системи за противвоздушна одбрана од советско потекло, како Тор-М1 и ОСА-АКМ“, изјави грчкиот министер за одбрана Николаос Панајотопулос, пренесе порталот „Балканска безбедносна мрежа“.

Грција во својот арсенал ги има американскиот систем за противвоздушна одбрана Патриот и рускиот С-300, кој своевремено го презеде од Кипар.

С-300 ПМУ1 со максимален домет од 120 километри се користи за заштита на Крит и другите острови од честите прекршувања на воздушниот простор од турските ловци Ф-16. Украина е многу заинтересирана да го добие системот за противвоздушна одбрана С-300 бидејќи има искуство со нив и затоа што може многу брзо да ги прифати и да ги стави во активна употреба.

Грција има вкупно осум самоодни лансирачки орудија (32 фрлачи) С-300 ПМУ1. Бројот на оружје овозможува формирање на две дивизии, односно еден полк, но се претпоставува дека една единица од дивизиски чин е активна во таа земја.

Најавата за можноста за испорака на С-300 на Украина претставува извесна промена во политичкиот став, бидејќи токму министерот Панајотопулос во декември одлучно ја отфрли можноста за таков исход, тврдејќи дека на Грција очајно ѝ треба ова оружје поради заканата од Турција.

„Нема да испраќаме системи за противвоздушна одбрана од нашите острови или противбродски ракети, без разлика колку тоа го бара Украина, бидејќи и ние се соочуваме со реална закана… Она што ни треба, што ни е корисно и што е оперативно способно – не планираме да го подаруваме. Ќе ни дадат нешто подобро од С-300? Па, да видиме што се нуди“, рече тој ова лето.

Министерот рече дека конечната одлука зависи и од ветената брзина на распоредување на алтернативен систем за противвоздушна одбрана на Крит.

„Дали е тоа нешто што може да се распореди веднаш? Затоа што и тоа е важно. Ако тоа е нешто што ќе биде достапно за две години, а треба да подариме нешто што е активно за нас во овој момент, тогаш тоа не е понуда што можеме да ја прифатиме“, рече Панајотопулос.

Слични содржини