Грешки во учебниците: „Вината најпрвин да се бара од Националната комисија, партизацијата е рак-рана“

од Nikola Popovski
320 прегледи

Пред околу десетина дена, јавноста пронајде многу грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение. Во Тема 2 – „Населението и за континентите“, на децата им беше претставено дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Во истата тема беше наведено дека Македонија на запад граничи со Бугарија, а на исток со Албанија. Во текот на вчерашниот ден беше забележано и дека партијата ДУИ се „протна“ во учебникот по албански јазик за петто одделение, каде што беше спомната во делот како правилно се пишуваат кратенки.

Дел од наставниците ваквата ситуација ја сметаат за скандалозна. Наставникот и претседател на Независниот синдикат на образование и наука, Томислав Гиевски во разговор за „Локално“ вели дека за грешките во учебниците затаиле органите во Министерството за образование и наука (МОН).

Томислав Гиевски

Според него, вината треба да се бара најпрвин од Националната комисија која не смеела да си дозволи да прифати и пушти во употреба учебници кои што не се соодветни или имаат премногу грешки.

-Министерството мора да поднесе одговорност, министерот мора да излезе со име и презиме и да ги изнесе и да ги отстрани од позиција сите кои што затаиле односно направиле грешки. Доколку не може да ја лоцира вината кај никој од органите во МОН, самиот тој лично треба да понесе одговорност, смета Гиевски.

За учебникот за 5-то одделение, тој вели дека како Независен синдикат за образование и наука предлагаат истиот да биде повлечен, поради направена голема материјална и нематеријална штета.

-Во однос на другите учебници каде што детектиравме грешки како на пример во учебникот по географија каде што има згрешено едно знаме како резултат на техничка грешка на лицето кое што го дизајнирало во МОН, за тој учебник сметаме дека не е доволно причина да се повлече, појаснува Гиевски.

Наставникот зборуваше и за рецензентите, кои Националната комисија за учебници вчера ги посочи како одговорни за грешките во учебникот по Историја и општество за петто одделение.

-Рецензенти има и просветни работници кои што се спремни да бидат, но за жал не стигнале да бидат во комисиите за рецензии или Национална комисија за избирање на учебници можеби затоа што не биле политички активни. Затоа ние како Синдикат уште од самото оформување, потенцираме дека партизацијата во секторот образование, без разлика од која партија е предизвикана, е рак-рана и создава лоши генерации и лош воспитно-образовен систем и ја тоне државата надолу, ни рече Гиевски.

Тој побара итна и брза департизација.

-Најсоодветните и најсилните кадри да бидат поставени на одговорни функции во МОН каде што ќе спречат грешки од типот на овие што ни се случуваат, порача претседателот на Независниот синдикат.

Од МОН денеска повторија дека процесот на одобрување на еден учебник го води Националната комисија за учебници и на истиот во никој случај и од ниеден аспект не влијаат раководните структури на министерството, ниту пак било кои политички чинители.

-Членот 14 во законското решение децидно уредува во случај ако се констатира дека во одобрен учебник се потребни одредени исправки или дополнувања, а истите не претставуваат повеќе од 30% од содржината на учебникот, Педагошката служба треба да достави барање до издавачот, односно авторот да предложат исправка или дополнување во текстот на учебникот во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето. Барање за дополнување или исправка може да поднесе и самиот автор или издавач. Веднаш по постапувањето на авторот и Педагошката служба, Министерството за образование и наука во комуникација со економскиот оператор кој е избран да ги испечати учебниците за учениците од основното образование, во најкус временски рок и без дополнителни трошоци по буџетот, ќе изврши корекција на увидените пропусти и грешки, истакнаа од ресорот образование за вметнувањето на партијата ДУИ во учебникот по албански јазик.

Н.П.

Слични содржини