Грковска ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа против манипулации во спортските натпревари

од Nikola Popovski
259 прегледи

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во името на Владата на Република Северна Македонија официјално ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа против манипулација во спортските натпревари.

Со потпишувањето на оваа Конвенција, што се одржа на 17-та Конференција на министри задолжени за спорт, во организација на Советот на Европа, нашата држава се придружи на над 30 земји членки на Советот на Европа кои ја прифаќаат Конвенцијата и со која се обврзуваат на координиран пристап за превенција, спречување, откривање и санкционирање на манипулацијата со спортските натпревари.

„Манипулацијата со спортските натпревари претставува предизвик за владеењето на правото, бидејќи е поврзана со измами, организиран криминал и корупција. Оваа појава добива загрижувачки размери од почетокот на новиот милениум и затоа сите заедно мора да работиме на развој на нови мерки во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, јавните власти, спортските организации и операторите за спортско обложување”, оцени Грковска.

Таа потенцираше дека од големо значење е пристапот кој го предвидува Конвенцијата, а кој се фокусира на превенција, спроведување на законот, мерки за меѓународна соработка, како и размена на информации.

Конвенцијата предвидува унапредување на меѓународната соработка и воведување механизам за размена на информации помеѓу различните национални системи.

Конвенцијата истовремено е посветена и на превенцијата како значаен елемент во спречувањето на манипулациите во спортските натпревари. Операторите за спортско обложување се исто така препознаени како клучни партнери за спречување и размена на информации за манипулации поврзани со обложување.

Слични содржини