Оние лица кои се ставени на црна листа на САД, да можат да се санкционираат и во македонското законодавство, побара синоќа заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Според неа, потребно е да се да се прошири опсегот на Законот за рестриктивни мерки, со што ќе се прошири и дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесуирани во домашното законодавство.
-И да се олесни законската процедура, според македонскиот легален систем за оние лица кои се ставени на црна листа, да се процесираат во македонското законодавство, рече вицепремиерката во синоќешното гостување во Дневникот на Националната радио-телевизија.
Грковска истакна дека оваа иницијатива била поздравена и од страна на координаторот на Стејт Департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју, со кого таа одржа средба во рамки на Конференцијата на земји потписнички на Конвенцијата на ОН против корупцијата во Атланта, САД.
На прашањето дали очекува поддршка од опозицијата за усвојување на овој закон, вицепремиерката Грковска истакна: „Ретко ќе наидете на некој којшто ќе каже дека не се залага за борба со корупцијата. Но, кога станува збор за конкретни решенија кои одат во насока на поефикасна борба со корупцијата, ќе се види кој е искрен во тие заложби, а кому тоа му е само флоскула”.