Грковска-Брнз: САД со целосна поддршка за процесот на дигитална трансформација на општеството

од Nikola Popovski

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз.

На средбата се разговараше за дигиталната трансформација на општеството, креирањето на ефикасни антикорупциски политики, како и за потребата од стандардизација и оптимизација на процесите, реформи на кои интензивно работи Кабинетот задолжен за креирање на добри политики, предводен од вицепремиерката Грковска.

Упатувајќи искрена благодарност за континуираната и цврста поддршка од страна на САД за остварување на евроатланските цели на нашата држава, вицепремиерката Грковска ја информираше амбасадорката Брнз за процесот на подготовка на повеќе антикорупциски политики кои се координираат со повеќе институции. Истовремено на состанокот вицепремиерката нагласи дека е многу важно да се изготват решенија кои ќе бидат долгорочни и одржливи и ќе обезбедат стандардизирани процеси во иднина.

Амбасадорката Брнз нагласи дека дигитализацијата е неизбежна за секое општество и токму затоа колку побрзо ја реализираме таа трансформација на општеството, паралелно со градење на вештини кај граѓаните, толку побрзо ќе изградиме ефикасни, отчетни и одговорни институции. Таа додаде дека е многу важно, при процесот на дигитализација на институциите и јавните услуги, да се има координиран пристап.

„Да се има план за процесот на дигитализација кој ќе биде координиран и ќе ги обедини процесите во сите министерства, зошто поединечниот пристап не носи резултати“, рече амбасадорката Брнз.

Двете соговорнички се согласија дека дигиталната трансформација на општеството е клучен елемент во процесот на креирање ефикасни политики против корупцијата.

Слични содржини