Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, вчера попладне имаше средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, чиј тим ја заврши оценската мисија на Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Хрватскиот врховен судија ја раководеше оценската мисија на ЕУ, што се реализираше изминатава недела, по што се очекува да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет.
Вицепремиерката Грковска изрази благодарност до господинот Хрватин за сиот ангажман што тој и неговиот тим го вложија во детектирање на слабостите во работата на Судскиот совет, но и за препораките што ќе бидат доставени, а кои за нашата држава ќе бидат основа за натамошни реформи.
Таа повтори дека, за жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и нагласи дека мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.
Вицепремиерката Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција.
Правниот експерт Хрватин истакна дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува процесот на подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.
Двајцата соговорници се согласија дека за конкретни и ефикасни реформи во правосудниот систем неопходна е силна и недвосмислена волја од сите политички фактори.