Грковска и Дух зборувале за искуството на Словенија во воведувањето електронска лична карта

од Vladimir Zorba
188 прегледи

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух, со која разговараа за можностите за заедничка соработка на полето на дигитализацијата, како и за размена на искуства и поддршка во однос на воспоставување на електронска лична карта во Северна Македонија.

На состанокот, тимот на министерката Дух го презентираше словенечкото искуство во однос на процесот на воспоставување електронска лична карта, вклучително и во однос на регулативата која мора да биде усогласена, како и можностите што ги нуди електронската лична карта во делот на дигиталните услуги.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари на министерката Дух за поддршката што Словенија и ја дава на Северна Македонија, особено во делот на дигиталната трансформација на општеството. Таа информираше за чекорите што досега се преземени, во однос на формирање на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, за усвојувањето на Концептот за дигитална трансформација во кој се дефинирани наредните чекори како и за усвоениот план и концепт за електронска лична карта во Република Северна Македонија.

Таа нагласи дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна и во контекст на политиките за добро владеење, бидејќи тоа обезбедува ефикасност, транспарентност и отчетност на јавниот сектор, но и ја намалува можноста за субјективен човечки фактор во процесите.

Министерката Дух информираше дека поддршката што Словенија и ја дава на Северна Македонија во делот на дигитализацијата е во согласност и со политиките на Европската Унија, земјите од Западен Балкан да добијат соодветна поддршка со цел побрзо да се реализира дигиталната трансформација, што е неопходно за унапредување на услугите што ги добиваат граѓаните.

Двете соговорнички се согласија да ја интензивираат соработката во наредниот период, со вклученост и на претставници од Европската комисија, со цел заеднички да ги разгледаат можностите што треба да ги содржи електронската лична карта и нивното поврзување со патната исправа и возачката дозвола.

Слични содржини