Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, да каже дали 28-годишната презентерка и несудена конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, е вработена во Министерството за надворешни работи, повика вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
„Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција“, вели Грковска за „Дојче Веле“.
Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена посочи дека одговорите за Ејупи треба да се побараат од МНР.
Прашањето за вработувањето на поранешната презентерка и несудена конзулка Бесмира Ејупи во МНР е административно но и шовинистичко кон жените, oва го изјави премиерот Ковачевски и упати одговорите да се бараат во Министерството за надворешни работи.
Пред неколку месеци, Владата демантираше дека Ејупи е кандидат за конзул во САД, а во тек е истрага како таа станала корисник на хонорари во износ од 12 илјади евра од неколку државни институции.