Грлиќ Радман: Македонија заслужува членство во Европската Унија и тоа многу брзо

„Да не се случеше тоа што се случи, Македонија можеби ќе беше во ЕУ пред Хрватска“, порачал шефот на хрватската дипломатија

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук/Тимчо Муцунски

„Македонија е пример за реформите за членство во Европската Унија“, изјавил вчера шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ-Радман кој е во посета на Македонија, додавајќи дека Хрватска ќе продолжи силно да ѝ помага на западнобалканската земја на нејзиниот европски пат.

Односите меѓу двете земји се карактеризираат со „меѓусебна доверба и блискост на ставовите“, изјави министерот за надворешни на Хрватска по средбата со својот колега Тимчо Муцунски. За време на дводневната посета на Македонија, Грлиќ Радман ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на парламентот, Африм Гаши.

Тој ѝ се заблагодарил на Македонија за големата грижа за хрватското малцинство, што се докажа со отворање на простории на „истакнато место“ во Скопје. Хрватскиот министер нагласи дека Хрватска е искрен пријател на Македонија на патот кон ЕУ и дека посветено ќе работи на интензивирање на понатамошната техничка помош и трансфер на хрватското знаење и искуство од преговарачкиот процес.

Тој ја нарекол земјава „пример“ во спроведувањето на реформите и изрази надеж за што поскоро започнување на нејзините пристапни преговори со ЕУ.

„Како што сите знаат, Хрватска силно ја поддржуваше европскиот пат на Северна Македонија од самиот почеток и ќе продолжиме силно да го правиме тоа и во иднина“, нагласил тој.

„Македонија заслужува членство во Европската Унија и тоа многу брзо. Сетете се пред 20 и повеќе години. Пет месеци претходно почнаа преговорите. Да не се случеше тоа што се случи, Северна Македонија можеби ќе беше во ЕУ пред Хрватска. Ако тогаш постоеја реформски услови, тогаш постојат и сега, по 20 години. Кога зборуваме за тој аспект, гледаме перспектива. И за граѓаните на Северна Македонија е важно за еден позитивен, афирмативен, психолошки моментум да почнат преговорите со ЕУ. Мислам и дека во тој процес, во таа перспектива и динамика, Северна Македонија може да оствари голем прогрес зашто според нашето искуство, знаење и уверување, Македонија е подготвена. Се надеваме дека многу скоро ќе се создадат услови за почеток на преговорите за што имате наша искрена поддршка“, вели Радман на заедничката прес-конференција.