ГРОМ: Денот „Д“ од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 кога УJП го пломбирала објектот

од Nikola Popovski
48 прегледи

Партијата ГРОМ денеска преку соопштение порача дека трагедијата во Кочани е најголемата катастрофа која се случи од 1945 година па наваму, благодарение на човечката неодговорност и нефункционирањето на институциите на системот. Обвинуваат дека сведоци сме на груба политизација на овој настан, како што велат, од актуелната владејачка гарнитура.

-Со притварање на цела Чета виновници и барање на вина низ историјата, низ годиниве наназад, а не гледајќи вина во денешниве припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.  За Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, ден „Д“ од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за Jавни Приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила. Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарна инспекција или Полиција. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект, велат од партијата на Стевче Јакимовски.

Клучно прашање, според партијата на кое што треба да одговори истрагата, е кој го отвори објектот и кој го дозволил тоа.

-Фактот што дискотеката Пулс до денес се уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, Полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден. Затоа бараме од Јавното обвинителство да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег, стои во партиското соопштение на ГРОМ.

Се огласија и од ДУИ утрово. Меѓу другото преку соопштение порачаа дека дискотека „била неформално собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион“.

-Од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери – сите биле редовни гости, во блиски релации со сопственикот и неговата екипа; на сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат, и затоа никој ништо не треба да прашува, стои во објавата на партијата од Мала Речица.

Слични содржини