Во врска со немилиот настан на плажа Оревче ве известуваме дека, според очевидците, громот удрил во езерото на неколку метри од брегот, пишува на Фејсбук страната на плажата Оревче.
-Полесно беа повредени неколку гости кои седеа на три до пет метри од водата. Во моментот на громот воопшто немаше невреме или голем дожд, па затоа ништо не навестуваше дека ќе има таков силен удар.
Веднаш реагираше спасувачот ангажиран од наша страна преку Црвениот крст Охрид, а да помогнат притрчаа и дел од гостите кои останаа присебни. За неколку минути паниката беше смирена, а неколкумина со лесни изгореници заминаа на лекарски преглед.Со оглед на лошите временски услови денеска на плажата немаше многу гости, а беше откажан и настапот на диџеите. Тимот на Оревче жали за немилиот настан, а на нашите гости им посакуваме брзо закрепнување, соопштија од плажата Оревче.
Директорот на Општата болница Охрид, Горан Балевски во изјава за МИА информираше дека не е хоспотализирано ниту едно од 13-те лица кои пријавиле тегоби или последици од случајот со ударот на гром.