Тим на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска замина од Киев во нуклеарната централа Запорожје за да изврши инспекција, а генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, кој ја предводи мисијата, рече дека тоа е „важна задача насочена кон стабилизирање ситуацијата#. откако гранатирањето во близина на објектот ги зголеми стравувањата од нуклеарна катастрофа.
Сведок од местото на настанот изјави за Ројтерс дека тимот на МААЕ го напуштил украинскиот главен град во конвој возила, а мисијата, која доаѓа по опсежни преговори, ја води генералниот директор Рафаел Гроси.
„Сега конечно заминуваме по шест месеци големи напори“, им рече Гроси на новинарите пред да тргне конвојот, додавајќи дека тимот на МААЕ планира да помине неколку дена на локацијата.
Тој нагласи дека мисијата на МААЕ има многу важна задача“ во нуклеарната централа Запорожје, „да ја процени реалната ситуација и да помогне да се стабилизира ситуацијата што е можно повеќе“.
Не е познато кога тимот на МААЕ ќе пристигне во најголемата нуклеарна централа во Европа и кога ќе изврши инспекција, наведува британската агенција.
Двете конфликтни страни пријавија редовно гранатирање во околината во последните денови.
„Одиме во воена зона, одиме vo окупирана територија, а за тоа ни се потребни јасни гаранции, не само од Русија, туку и од Украина. Тоа успеавме да го обезбедиме“, рече Гроси.
Тој рече дека МААЕ се надева дека ќе воспостави постојана мисија во објектот контролиран од Русија, управуван од украински техничари.
„Тоа е една од најважните работи што сакам да ги направам и ќе го направам тоа“, рече Гроси.
САД повикаа на целосно затворање на централата и создавање на демилитаризирана зона околу неа.
Новинската агенција Интерфакс денеска цитираше претставник на проруските власти во Запорожје дека работат два од шесте реактори на централата, пренесе Ројтерс.
Руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје набргу по започнувањето на нападот врз Украина на 24 февруари, а објектот се наоѓа блиску до линијата на фронтот. Русија и Украина речиси секој ден разменуваат обвинувања за истрелување гранати кои ја загрозуваат работата и безбедноста на електраната.