Гроси за испуштањето на радиоактивна вода од Фукушима: „Она што го објавивме е научно беспрекорно“

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) Рафаел Гроси денеска изјави дека слушнал дека еден или двајца експерти можеби биле загрижени за давањето зелено светло за ослободување на повеќе од милион тони радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима.

Запрашан дали постои загриженост меѓу експертите зад извештајот, кој вклучува учесници од 11 земји, Гроси изјави за „Ројтерс“: „Слушнав дека се зборува. Но, она што го објавивме е научно беспрекорно“.

Тој рече дека ниту еден експерт директно не изразил загриженост, но не кажа како слушнал за загриженоста на еден или двајца експерти. Кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ вчера објави дека кинескиот експерт Лиу Сенлин бил разочаран од „избрзаниот“ извештај, додавајќи дека придонесот на експертите е ограничен.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, додаде дека извештајот на IAEA „не ги одразува целосно ставовите на сите експерти вклучени во проценката“, и дека заклучоците од извештајот се „ограничени и еднострани“.

Работната група формирана од IAEA во 2021 година за да ја испита безбедноста на планот на Јапонија за ослободување радиоактивна вода од објект уништен од цунами пред повеќе од една деценија, исто така, вклучува членови од Аргентина, Австралија, Канада, Франција, Маршалските Острови, Јужна Кореја, Русија, Велика Британија, САД и Виетнам.

Меѓународната агенција за атомска енергија во вторникот соопшти дека планот на Јапонија е одобрен бидејќи испуштањето на радиоактивна вода ќе има незначително влијание врз животната средина.

Слични содржини