Грозданов: Одговорните партии на дело да покажат дека на инвестициите во рударството не им е местото во дневно-политички агенди

од Vladimir Zorba
2,8K прегледи

„Мојата определба е да се борам за сигурната иднина на моите деца и генерациите кои доаѓаат“, пишува аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во колумната „Рударската иднина е конечна и државотворна“. Говорејќи за инвестициите во рударството во земјава, но и процесот на одлив на мозоци и младо работоспособно население тој верува дека е можен пресврт.

Според него, постојат лажни активисти кои одработуваат младото работоспособно население да остане во туѓина од најмалку две причини. Грозданов наведе дека една од причините е заради свесно осиромашување на Македонија со измислени панични сценарија по здравјето на граѓаните, животната средина и земјоделието, а втората  е заради лични привилегии и ќар ползуван од антизападни центри на моќ кои делуваат со политичко-безбедносна агенда во која предизвикувањето арбитражни постапки со астрономски отштети на товар на државните буџети се составен дел.

Тој во колумната сподели визија за начинот како е можно да се реализираат инвестициите што ќе резултираат со економски бенефит, особено за жителите од југоистокот на Македонија. Грозданов порача најодговорните политички партии конечно да покажат на дело дека разбрале дека инвестициите во рударството мора да бидат надвор од нивните дневно-политички агенди, бидејќи реализирањето на овие инвестиции опфаќаат период подолг од еден четиригодишен мандат.

-Се будам на Меѓународниот Ден на Трудот, 1 мај 2024 година. Седум дена пред гласањето на вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Кампањата е жестока, се води борба за секој глас. Отворам компјутерот и читам вести. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходната вечер бил на митинг во Струмица. Во својот говор соопштил дека доколку стане Премиер, неговата Влада ќе овозможи конечен старт на изградбата на рударскиот комплекс Иловица. Потенцирал дека Македонија нема многу опции како да стане економски стабилна на подолг период. Рударските инвестиции се можност за нови вработувања и враќање на работоспособните граѓани од туѓина. Гледам најава за прес конференција на Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во 13 часот. Во меѓувреме го пребарувам ставот на Еко (Ру)силниците. Читам, Крум Велков напишал дека ВМРО-ДПМНЕ извршиле предавство на населението во Струмичката котлина и заради тоа ќе ги изгубеле изборите во 4-та изборна единица. Според него, опозицијата си дала автогол и му овозможила на СДСМ, во спортски жаргон, да шутира пенал. Почнува пресот на Ковачевски. Следам во живо. Го честита 1 Мај на работниците од партиското седиште на СДСМ. Наеднаш, без никој да го праша, соопштува дека и ставот на СДСМ е дека не само рударскиот комплекс Иловица – Штука, туку и Казандол треба да почне да се гради, бидејќи тоа ќе отвори нови работни места, кои ќе бидат мотор за македонската економија. Си велам, можно ли е?! Левица лиферува итно соопштение во кое ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека се НАТО фундаменталисти и дека работат исклучиво под диктат на крупниот капитал. Ги повикува Крум Велков и Ангел Наков заедно да фрлаат хартии кон неколку западни амбасади. Неколку телевизии прават анкети меѓу локалното население во Струмичката котлина. Значителен број на анкетирани сега се одважуваат да соопштат одобрувачки ставови за изградба на нови модерни рудници. Велат дека одамна верувале дека ова е единствениот начин да заживее регионот, да се вратат младите од туѓина и да се обезбеди долгорочен стабилен економски развој. На 02 мај 2024 концесионерите на Казандол и Иловица-Штука самоиницијативно пред телевизиски камери потпишуваат нотарски гаранции дека надзорот на изградбата на рудниците и процесот на експлоатација ќе го врши Независно мониторинг тело во кое ќе членуваат граѓани, вистински експерти, претставници на државни институции кои постојано ќе имаат увид и ќе гарантираат дека се спроведуваат најмодерни технологии кои целосно го заштитуваат здравјето, животната средина и земјоделството. Македонските иселеници од овие краеви најавуваат дека ќе се вратат во Македонија доколку навистина се изградат рударски комплекси кои ќе овозможат нови достоинствени работни места. Ај да видиме дали мојот сон може да стане јаве оваа година или ќе ни треба уште малку повеќе време за национално созревање… Да Живее Македонија!, заклучува Грозданов.

Слични содржини