Грција во петокот објави дека ја заврши изградбата на уште 40 километри ограда на границата со Турција и дека е започнат нов систем за надзор, поради загриженоста дека падот на Авганистан во рацете на Талибанците ќе предизвика нов бран мигранти кон Европа.
Ситуацијата во Авганистан во Европа ги поттикна стравувањата за повторување на мигрантската криза во 2015 година кога речиси милион луѓе избегаа од Блискиот Исток во Европа, патувајќи низ Турција и Грција.
Greece erects fence at Turkey border amid warnings of Afghan migrant surge https://t.co/5B8n8ea64C
— BBC News (UK) (@BBCNews) August 21, 2021
„Авганистанската криза создава можност за нов бран мигранти. Не можеме пасивно да чекаме потенцијален напад“, рече грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис по посетата на северниот пограничен регион Еврос со министерот за одбрана и военото раководство.
„Нашите граници ќе останат безбедни и непробојни“, нагласи тој.
Хрисохоидис рече дека ново проширување на оградата, на постојните 12,5 километри, е изградено во последните денови, кога беше воспоставен и високотехнолошки систем за автоматско набљудување.
Владата објави продолжување на оградата минатата година кога десетици илјади баратели на азил се обидоа да преминат од Грција во Турција, откако Анкара објави дека повеќе нема да ги спречи во тоа.
Грција и Турција, сојузници во НАТО, но и историски ривали, долго дебатираа за низа прашања, од територијални претензии на источниот Медитеран до бродови со мигранти.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис телефонски разговараше за ситуацијата во Авганистан со турскиот претседател Таип Ердоган.
Ердоган рече дека ненадејното зголемување на бројот на луѓе кои го напуштаат Авганистан може да биде „сериозен предизвик за секого“, пренесува Би -Би -Си. „Нов бран миграција е неизбежен ако не се преземат неопходните мерки“, додаде тој.
Грција ја заостри мигрантската политика во последните месеци, оградувајќи кампови за мигранти и објави тендери на ЕУ за изградба на два објекти од затворен тип на островите Самос и Лезбос.