Објавените податоци од Централната банка покажуваат дека приходите на Грција од туризмот во април изнесувале седум милиони евра, што, во однос на 544 милиони евра приходи во истиот месец лани, претставуваат пад од 98,7 проценти.
Грчката економија е многу зависна од туризмот, кој директно или индиректно учествува со околу 20 проценти од годишниот БДП.
Земјата сега повторно е отворена за странците откако беа воведени ограничувања поради коронавирусот на почетокот на март, а владата се надева дека ќе спаси барем дел од летната туристичка сезона.
Посетителите можат да летаат кон Атина и Солун од 5 јуни, додека директните меѓународни летови до регионалните аеродроми ќе бидат можни повторно од 1 јули.
На хотелите кои работат во текот на целата година им беше дозволено да отворат на почетокот на месецот, но многумина сè уште се затворени поради недостаток на резервации.
Од Банката на Грција исто така соопштиле дека приходите од туризмот паднале за 51,4 проценти од јануари до април во однос на минатата година, при што бројот на пристигнати лица во земјата опадна за 36 проценти.
Околу 38.000 луѓе влегле во Грција во април, што е намалување за 96,2 проценти во однос на април минатата година.