Ограничувањата според кои само оние кои се вакцинирани против коронавирус можат да се послужат во затворениот дел од рестораните, баровите и кафулињата, стапија на сила во Грција.
Гостите од затворениот дел од рестораните, баровите и кафулињата мора да докажат дека биле вакцинирани. Тоа е последната во низата мерки со кои грчките власти сакаат да го спасат остатокот од туристичката сезона, а се однесува и на странските туристи. Некои вакцинирани велат дека ограничувањето е цената што ќе ја плаќаат оние што одбиваат вакцинација.
„Се согласувам дека вакцинираните лица треба да имаат некои привилегии. Кој не сака да се вакцинира е негов избор, но тој ќе мора да живее со одредени ограничувања“, рече Јанис Камалакис, гостин на кафуле во Атина, пренесе Ројтерс.
Повеќе од 5.000 противници на вакцинацијата против коронавирус се собраа пред грчкиот парламент во средата, некои веејќи грчки знамиња и дрвени крстови.
Околу 41 процент од Грците постари од 15 години се целосно вакцинирани. Претходно оваа недела, владата воведе задолжителни вакцинации за работниците во здравствениот сектор и работниците во домови за стари лица и изнемоштени лица.
„Верувам дека вакцинираните треба да имаат предности во однос на невакцинираните. Бидејќи сум вакциниран, би сакал и другите околу мене да се вакцинираат“, изјави за Ројтерс Леонидас Каларис, гостин во кафуле.
Ројтерс во својата вест не објави некој, кој се спротивставил на ваквата одлука на грчките власти, пренесе Јутарњи лист.
Владата ја лансираше апликацијата COVID FREE GR, која ги скенира ковид-сертификатите на ЕУ.
Економијата на Грција минатата година падна за 8,2 проценти и беше сериозно погодена од затворањето за време на пандемијата. Во петокот, во оваа земја се регистрирани 2.691 нови случаи на инфекција, а од почетокот на пандемијата вкупно 453.200.
12.833 лица починаа од ковид, од кои 14 во петокот.