Грчкото министерство за здравство денеска соопшти дека ќе биде „безмилосно“ кон оние што користат лажни ковид-сертификати и оние што ги издаваат.
Според заменик -министерката за здравство, Мина Гага, ова особено се однесува на вработените во здравствениот систем.
„Лажните сертификати се проблем што многу не загрижува. Има неколку од нив досега, па тоа може да се провери“, рече Гага и предупреди дека во случај на измама, ќе се преземат сите законски мерки, пренесува порталот „Катимерини“.
Таа прецизира дека се издадени наредби за испитување на сите случаи, особено откако стапи на сила законот за задолжителна вакцинација на здравствените работници.
Прашањето за лажни потврди дојде во центарот на вниманието на почетокот на овој месец кога беше откриено дека вработен во центарот за вакцинација во градот Кардица се пријавил на платформата на таа институција користејќи лозинка од доктор и издал 44 лажни потврди за вакцинација.
Оттогаш, вакви случаи се случуваат секојдневно, а неколку медицински работници веќе се суспендирани.