Грција повторно блокирана – граѓани на улица поради новиот закон за работни односи

од Stefanija Kuzmanovska
365 прегледи

Работниците повторно излегоа на улиците во Атина, бидејќи сметаат дека новиот закон за работни односи ќе им овозможи на работодавците да воведат подолго работно време „од задната врата“. Јавниот и поморскиот сообраќај е блокиран.

Пред гласањето за новиот закон за работни односи, грчките работници започнаа со еднодневен генерален штрајк. Тие силно се спротивставуваат на овој закон, бидејќи сметаат дека тој ќе донесе подолго работно време и дополнително ќе ги загрози правата на работниците.

Јавниот и поморскиот сообраќај во Атина е блокиран – бродовите останаа закотвени во пристаништата, а многу автобуски, подземни и железнички услуги се суспендирани. Работници од други сектори, исто така, ја прекинаа работата и се очекува да се приклучат на протестите во центарот на Атина.

Владата во Атина, сепак, верува дека законот ќе ги модернизира застарените регулативи во областа на трудот, пренесува Ројтерс.

Синдикатите го опишаа предлог-законот како „монструозен“, барајќи негово повлекување затоа што, како што тврдат тие, ќе ги укине одамна утврдените работнички права и ќе им овозможи на компаниите да воведат „на мала врата“ подолго работно време.

Тие тврдат дека владата се обидува да го продолжи работниот ден од осум на 10 часа и стравуваат дека ова ќе им овозможи на работодавците да ги принудат работниците да прифаќаат подолго работно време.

Конзервативната влада на премиерот Кирјакос Мицотакис, кој ја презеде должноста во 2019 година, изјави дека реформата ќе ги модернизира „застарените“ закони кои датираат од времето пред постоењето на Интернет, кога повеќето работници истовремено работеа во канцеларии и фабрики.

Ова е втор генерален штрајк во последната недела, додека пораките од првиот митинг, на 10 јуни, беа – „Нема да помине“, „Законот против трудот мора да се фрли во ѓубре“.

Слични содржини