По 10-годишната криза во Грција, се појавија знаци на економско закрепнување. Но, коронавирусот го наруши трендот. Здравствениот систем, кој беше исцрпен од години на штедење, одеднаш се соочи со брзо ширење на вирусот. Затоа, пандемијата во Грција би можела да има катастрофални последици.
Првиот случај е регистриран во Грција на 26 февруари, а првата смрт на 12 март. До средината на месецот, други 14 луѓе починаа. Оттогаш, јавниот живот е целосно запрен во Грција. Затворени се образовни институции, ресторани, културни институции, продавници и паркови, како и плажи и спортски објекти. Медиумите го повикуваа населението деноноќно да остане дома. Оние што ги прекршиле правилата, требаше да сметаат на драстични казни.
„Мерките беа воведени порано отколку во повеќето западни земји“, вели политикологот и економски експерт Георги Пагулатос, кој ја предводи Фондацијата за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП).
„Владата реагираше многу компетентно, ги слушаше советите на вистинските луѓе и донесе правилни одлуки“, вели тој, додавајќи дека грчката влада комуницирала правилно со граѓаните и ги мотивирала да останат дома.
Пагулатос вели дека подготвеноста на Грците за спроведување на владините мерки е резултат на економската криза: „Грција скоро постојано се наоѓаше во кризен режим. Така, општеството беше подобро подготвено за вонредна состојба“.Тој потенцира дека тешко дека има Грк кој не е засегнат од економската криза и со тоа се гради „колективен имунитет против самозадоволство“.
Постарите се дел од семејството
Структурата на општеството исто така може да има улога. „Мерките првенствено беа насочени кон преживување на постарите лица. За повеќето Грци, нивните постари членови на семејството живеат во близина“, вели Алесија Лијакунаку, која предава на универзитет во Лондон, а нејзината докторска теза беше за структурата на грчкото општество.Таа вели: „Повеќето Грци разбираат во колкава мера земјата е недоволно опремена за здравствената криза, што може да излезе од контрола“.
На 15 април, 50 дена по избувнувањето на епидемијата, во Грција имало 2.200 заразени и 102 жртви. На педесеттиот ден по првиот случај, во Италија имало 41.000 заразени и 3.400 мртви, а Шпанија 17.200 заразени и 767 мртви.
Статистиката за интензивна нега е исто така индикатор за успехот на мерките за одбрана. Најмногу луѓе на респиратори во Грција имало на 5 април – 93. Оттогаш постојано е во опаѓање. Од првата смрт во Грција, просечно тројца луѓе починале на ден од инфекцијата.
Економија под притисок
Кризниот менаџмент во Грција е добро, но економската цена би можела да биде висока. Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека во еврозоната Грција може да забележи најголем пад на бруто домашниот производ – дури десет проценти, пишува ДВ.
Организацијата за економска соработка и развој ги проценува можните економски последици од здравствената криза со поголем песимизам – можниот пад на бруто домашниот производ би можел да го чини дури 35 проценти. И стапката на невработеност би можела да скокне од 16 проценти во јануари на 26.
Марија Демерцис, заменик директор на бриселскиот тинк-тенк „Bruegel“, смета дека на Грција ќе и треба помош од партнерите. Ова ја вклучува одлуката на Европската централна банка да прифати грчки државни обврзници како гаранција. Таа вели дека Грција имала „голем бум“ додека се појавила пандемијата затоа што земјата штотуку излегла од 10-годишна рецесија.
Пандемијата како шанса
Во пандемиска криза, Пагулатос гледа шанса дека економијата, која е силно ориентирана кон туризам, е поставена на пошироки рамки. „Кризата ја катапултираше Грција во дигитализација“.
Ова ја отвора можноста за надградба на технолошките сектори како што се дигиталната безбедност на информациите и пресметките во облак. „Така, некои шалтер-услуги за кои во Грција беше вообичаено долго чекање редици, се дигитализираа“. Марија Демерцис вели дека може да стане важно во Грција одржливото производство на енергија, бидејќи потенцијалот на земјата е голем.
Владата ги олеснува рестриктивните мерки чекор по чекор денес (4 мај). Главниот епидемиолог во кој веруваат Грците е по природа тивок маж – Сотирис Циордрас. Тој им се обраќа на нацијата секој ден во 18 часот со најновите информации за пандемијата. Тој неодамна ги повика Грците да не се жалат: „Ситуацијата е добра, но може брзо да излезе од контрола. Не станувајте самозадоволни, не ризикувајте го тоа што го постигнавме. Мора да продолжиме да го спречуваме ширењето на вирусот“.