По двомесечното затворање, Акропол и другите антички споменици во Грција ќе бидат повторно отворени за туристички посети од 18 мај, објавија грчките власти, пренесува грчкиот весник „Екатимерини“.
Грчките музеи и антички споменици беа затворени кон средината на март, како дел од итните мерки воведени од грчката влада за да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Мерките за итни случаи се постепено олеснети оваа недела и веќе во јуни и јули владата ќе овозможи целосен пристап за туристите, вклучително и настани на отворено за повеќе посетители, со пропишани растојанија и други безбедносни стандарди“, рече Лина Мендони, грчка министерка за култура.
Стотици музичари, актери и уметници се собраа пред зградата на парламентот барајќи поголема поддршка за нивниот сектор.
„Ние сме тука“, пишуваше на порака испишана со креда на улицата. Демонстрантите мавтаа со огромна театарска кукла.
Многу уметници настапија во живо на Интернет за сограѓаните во изолација.
„Останавме дома, но не молчевме“, посочуваат од нивниот синдикат.