Новоизбраниот министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денеска ја презеде министерската функција во отсуство на својот претходник Артан Груби.
-Чест ми е што мојот политички ангажман ќе го продолжам како министер за односи меѓу заедниците и заменик-претседател во Владата, како дел од коалицијата во којашто сум веќе подолг временски период, но и благодарејќи на долгогодишната соработка со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Дадената доверба значи уште поголема заложба и ангажман во интерес на граѓаните, особено затоа што како министер за односи со заедниците ќе работам за рамноправност на сите етнички заедници и подобрување на условите за живот на сите граѓани во нашата земја, објави Стоилковиќ.
Предлогот Стоилковиќ да биде заменик претседател на владата и министер кој ќе раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците, предизвика размена на критики во опонентските блокови на партиите на Албанците.