Артан Груби, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, денес оствари средба со новиот амбасадор на Италија во земјава, Андреа Силвестри.
Од кабинетот на Груби известија дека на оваа средба се разговарало за поддршката на Италија за евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија.
Груби и амбасадорот, Силвестри беа согласни дека Северна Македонија и припаѓа на Европа на сите можни начини и во оваа пригода и двајцата изразија оптимизам дека земјата ќе продолжи да напредува на патот кон евроинтеграциите.
Груби изрази благодарност за искреното пријателство со Република Италија што ја има Северна Македонија и во оваа прилика изрази подготвеност за натамошно продлабочување на билатералната соработка, со посебен акцент на полето на економијата, за што оцени дека постои интерес и од двете страни.
Првиот вицепремиер истакна и дека Италија е голем поддржувач на земјата и им се заблагодари на италијанските власти што го кренаа својот глас за отворањето на преговорите со Европската Унија.