Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби потврди дека негов заменик за функцијата прв заменик на премиерот во преодната влада ќе биде вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
-На предлог на Социјалдемократскиот сојуз мојот драг колега Маричиќ ќе биде прв заменик на премиерот Талат Џафери, што е и логично впрочем затоа што тоа е концептот – првиот заменик премиер да биде од коалицискиот партнер. Ако премиерот е од ДУИ првиот заменик да биде од СДСМ, ако премиерот е од СДСМ, првиот заменик да биде од ДУИ. Убеден сум дека ќе ја изврши работата доследно рече Груби, на новинарско прашање при учество на настан за завршување на обновата на патот Скопје- ГП „Блаце“.
Позицијата „прв вицепремиер“ беше воведена во септември 2020 година. За тоа специјално беше изменет и деловникот за работа на владата, во кој е додаден зборот „прв„, пред функцијата „вицепремиер„ и е прецизирано дека, токму тој ќе го менува премиерот во негово отсуство. Оваа нова функција во македонскиот политички систем е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, во замена за откажувањето на помалиот владин партнер од изборното ветување за прв Албанец-премиер.