Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Артан Груби, изјави дека САД гледаат оптимистички во однос на решевањето на спорот со името и даваат сестрана подршка за евроатлантските интеграции на Македонија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Груби е дел од македонската парламентарна делегација која неделава е во официјална посета на Вашингтон, и која вчера присуствуваше на Националниот молитвен појадок традиционално организиран од претседателот на САД.
Тој за МИА изјави дека имал упешни средби со 13 конгресемени и сенатори и бил во работна посета на специјалниот советник на заменик претседателот на САД, Мајк Пенс, на помошникот заменик на државниот секретар за одбрана Лаура Купер, и се сретнал со Вес Мичел, новиот заменик на државниот секретар за Европа и Евроазија, кој дојде на местото на Ји Хојт.
Груби е член на Националниот совет за евроинтеграции и претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија за соработка со американскиот Конгрес.
– На сите средби добив силна подршка за евроатлантските перспективи на Македонија. Пријатно сум изненаден од оптимизмот што овде владее во однос на решавањето на спорот со името и членство на Македонија во НАТО и ЕУ, вели Груби.
Подршка од владата на САД доаѓа и за реформските цели и внатрешната консолидација на институциите. Посочува дека позитивните сигнали што доаѓаат од Вашингтон треба да се искористат.
-Подршка доаѓа од секаде, од Стејт департментот, од Белата куќа и од Пентагон. Затоа Македонија треба час поскоро да ги реши сите отворени спорови со соседите и да ја запечати својата евроатлантска иднина. Ова е наша година и можеме да успееме во тоа, изјави Груби.
Според него, спорот со името е веќе решен. Во наредните недели треба само да се договорат деталите, за договорот со Грција да биде достоинствено и компромисно решение за двете страни.
– Со Грција започнавме да разговараме со јазик на пријатели, а не преку нишанот на историјата и градбите како досега. Имаме мерки за градење на доверба, веќе ги преименувавме автопатот и аеродромот. Идентитетот, културата, името и државата ќе ги заштитиме само ако бидеме дел од големото европско семејство, истакна Груби.