Вицепремиерот и министер за политички системи и односи меѓу заедниците, Артан Груби го поздрави синоќешното разрешување на министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу. Според него, двајцата сега веќе претходни функционери биле дел од партијата на Христијан Мицкоски.
-Првиот албански премиер на Владата разреши двајца министри на ВМРО-ДПМНЕ кое со сите сили ги бранеше денеска во Собранието. Лека ноќ, убав сон, спијте мирно додека Али Ахмети се грижи за сите нас, објави Груби на социјалните мрежи.
Токму Груби беше посочен како главен предизвикувач на поделбите во Владата, но и како човек што ги држи сите конци во неа и покрај тоа што Талат Џафери е премиер. Овој став, вчера како дел од расправата, го изнесуваа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и разрешениот министер Азир Алуи во своето обраќање.
Разрешувањето на двајцата министри уследи по расколот во Алијанса за Албанците откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок на претстојните избори, со што не се согласува претседателот на Централното собрание Зијадин Села.
За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами.