Јас сум само прв потретседател на Владата кој го менува премиерот кога не е тука и на денот кога е донесена одлуката за три нови онлајн коцкарници сум претседавал со седницата на Владата и сум ја потпишал одлуката, како и многу други одлуки кога сум претседавал со владини седници. Тоа не значи дека е моја одлука, туку на Владата, истакна вечерва првиот вицепремиер Артан Груби.
-На таа седница како и на други сум потпишал многу документи меѓу кои и тој. „Черепот“ не го знам и не знам кому му пречи да има повеќе контрола во кладилниците и казината, рече Груби во интервју за ТВ Канал 5 и додаде дека во сопственичката структура на Казинос Австрија која во моментов е единствен организатор на интернет игри на среќа има еден Бугарин, еден Србин и еден наш граѓанин.
Сега, како што посочи, парите од интернет игрите на среќа се слеваат во други држави, а со новиот повик кога ќе има три фирми за интернет игри на среќа ќе одат во Буџетот на државата.
-ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година дала мнонопол на една компанија да организира електронски игри на среќа за 15 години. Сега државата со удел од 51 отсто ќе ги контролира трите фирми за интернет игри на среќа, а парите од даноците ќе останат дома наместо да одат на сметки во странство. Сакаме дистанца од половина километар на казината и сега кој сака ќе се обложува ама дома и од тоа ќе се слеваат пари во Буџетот, рече Груби.