Вчера дојде до кавга на прес-конференцијата по повод потпишувањето на договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д со Бехтел-Енка меѓу вицепремиерот Артан Груби и новинарот од Тв Телма, Миомир Серафимовиќ.
На Груби му беше замерено дека не нуди објаснување со одговорите дека фирмата „Евро консалтнг“, која е во конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите е со нови сопственици, и дека не е спорно тоа што против поранешниот сопственик се води кривична постапка за измама во Ерменија.
-Г-дине Груби малку забегавте. Волонтаристичко толкување на правото дека ако сопственик на фирмата се смени, дека фирмата не одговара за ништо, не знам од каде го влечете ова, му рече новинарот на Груби кој претходно одговараше на новинарско прашање.
Вицепремиерот на тоа побара извинување од новинарот.
-Затоа што забега. Нема да ви одговорам на прашањето. Ова е некоректно и мислам дека треба да реагира ЗНМ по однос на вакво однесување кое е навредливо и неприфатливо и не би сакал да продолжам да разговарам, кажа Груби на тоа што побара да му биде поставено друго прашање од другите новинари.
Серафиновиќ потоа се извини и појасни дека тој збор „забегува“ различно се толкува на албански и македонски јазик.
-Не ми беше намерата во тој контекст, рече тој.
Вицепремиерот на тоа му одговори:
-Денеска Прочка ли е? Ајде ќе ти простам без разлика на тоа што не е, истакна Груби.