Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска информира дека ќе го тужи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, поради како што вели, „клевета за изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10Д“.
-Многу е гласен, ама не е храбар. Му упатив барање да се извини и на вашата партија. Партијата го прифати, а тој избегнува некако кукавички. Поднесов веќе тужба да се видиме на суд за сето тоа што го клевети. Му недостига храброст во јавност, туку само ја користи говорницата во Собранието. За сето тоа што е клеветено ќе се соочиме и ќе се видиме, им порача Груби на пратениците од најголемата опозициска партија, обраќајки му се на Лефков.
Тој додаде: „Ако има криминал тука сум, не се кријам како вас“.
-ВМРО-ДПМНЕ да помогне во изградбата на С. Македонија. Се надевам новите ветришта во партијата се конструктивни и ќе дадат придонес, рече Груби околу потребната поддршка за уставните измени, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
На тоа Лефков му одговори:
-Барате пари од мене, од Бехтел и Енка, барате пари од секаде, за вас работи цела држава. Затоа ЈО не смее да дојде овде и Грковска не смее да одговори. Имаме повторно едно празно парадирање и барање за надомест.