Поранешниот премиер Никола Груевски упати две прашања до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчера обвини дека работи заедно со власта за да издејствува гласање на уставните измени.
-1. Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум,
2. Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата, објави Груевски.
Поранешниот лидер на најголемата опозициска партија, кој избега и моментално живее во Будимпешта, бара одговорот на Мицкоски да биде јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.
Мицкоски вчера во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, изненадувачки го посочи Груевски дека има тајна комуникација со Владата.
-За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, таа планира да му вети кривична неказнивост на Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот, рекол меѓу другото Мицкоски за ФАЦ.
Ваквата кавга наиде на изненадување во јавноста, но и на шок на членството на ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатите денови дојде до серија обвинувања и деманти од страна на членови на Владата, кои беа посочувани дека се сретнале со Груевски во Будимпешта. Исто така и претседателот Стево Пендаровски информира дека годинава двапати добил предлог од одредени политичари блиски до опозицијата, да размисли за помилување на поранешниот претседател на Владата и негово враќање во државава.